Лабораторијата за релејна заштита е формирана во осумдесеттите години од минатиот век, а делува во рамките на Институтот за електрични централи и разводни постројки. Основач и долгогодишен раководител е проф. д-р Мито Златаноски, а сегашен раководител е проф. д-р Антон Чаушевски. Како дел од лабораториите при ФЕИТ, Лабораторијата за релејна заштита има добиено акредитација за инспекциско тело согласно стандардот ISO / IEC 17020 за вршење на дејност во делот на мерење на релејна заштита за сите индустриски и енергетски постројки.
Основна дејност на Лабораторијата е изведување настава, посебно во делот на лабораториските вежби по предметите на Институтот за електрични централи и разводни постројки (ИЕЦРП). Во склоп на Лабораторијата изградена е и училница во која се одржува настава и аудиториски вежби за студентите по сите предмети на ИЕЦРП кои се слушаат на модулот Електроенергетика управување и менаџмент, но се и дел од наставата на другите студиски програми на Факултетот.
Друга значајна дејност на Лабораторијата е апликативната, на која се посветува посебно внимание. Преку соработка со соодветните институции и компании во земјата и странство што работат на полето на електроенергетиката, се остварува и практична соработка, што е важно за стекнување искуство во дејноста и збогатување на знаењата. Ваквата апликативна дејност, секако, значи и придонес на наставниот кадар за потребите на стопанството на земјата.
Институтот за ЕЦРП, а со тоа и Лабораторијата за РЗ имаат придонес во повеќе дисциплини и предмети на додипломските и на постдипломските студии. На додипломските студии во Лабораторијата се држи настава, аудиториски и лабораториски вежби по следните дисциплини: релејна заштита, примена на дигитална заштита, разводни постројки, заземјување и заштитни мерки, производство на електрична енергија, софтверски алатки во ЕЕ, експлоатација на ЕЕ објекти, менаџмент со инженерска економика и проектирање на електроенергетски објекти. На постдипломските студии во Лабораторијата се изведува настава по наставните дисциплини од студиската програма Електроенергетика, студиската програма Проектен менаџмент и дел од предметите по студиската програма Обновливи извори на енергија.
Лабораторијата за релејна заштита располага со соодветна опрема која се користи во наставната дејност по лабораториските вежби по предметите на Институтот за ЕЦРП.
За потребите на наставната дејност во училницата е поставена компјутерска мрежа којашто се користи за симулации и пресметки потребни како за наставата, така и за изработка на: семинарски, дипломски, магистерски и други научно – истражувачки трудови. Исто така, опремата се користи и за апликативна дејност и за испитување на релејната заштита и друга електроенергетска опрема во Македонија.
Лабораторијата за релејна заштита секогаш е поддршка на сите научно – истражувачки активности кои се изведуваат при Институтот за ЕЦРП. Во Лабораторијата досега се испитани разни типови на релејна заштита од повеќе производители, воспоставена е соработка и се изведени многубројни семинари и презентации од светски производители на електроенергетска опрема како:
ABB, SIEMENS, AREVA, ISKRA, EMO и други. Лаборатијата со својата опрема, како и членовите на нститутот за ЕЦРП со своето знаење и искуство учествувале во изработка на: многубројни студии, идејни и главни проекти, ревизии, испитувања и друго.
Се располага со мерна опрема и инструменти, опрема од релејната заштита со повеќе типови релејни уреди од најстарата генерација на електромеханички релеи до најсовремена дигитална заштита. Се располага со испитен мерен куфер за заштита, како и со разни генерации заштити од разни производители.
Во рамките на инспекциско тело, лабораторијата за релејна заштита има направено неколку апликативни договори и изготвено извештаи во последните пет години. Тука мора да се напомени соработката со домашните компании од индустријата како, ОКТА Скопје, БЕГ – Скопје, Арчерлор Миталстил, УСЈЕ ТИТАН Скопје и други.
Испитен куфер заштитни уреди од SIEMENS