ФЕИТ одржа свечен наставно-научен совет

Објавено: јуни 21, 2019

20.06.2019, Скопје – Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, одржа Наставно-научен совет на кој присуствуваа сите членови на Советот, но и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Никола Јанкуловски и претставници на компании со кои соработува Факултетот.

На свечената седница по повод 60 годишниот јубилеј, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, рече дека Факултетот е една од водечките високо-образовни институции во државата и регионот.

„Ваквата позиција е резултат на придонесот на голем број генeрации вработени, кои го вложиле и го вложуваат својот личен, наставен и научен капацитет во развојот на Факултетот. ФЕИТ верува дека развојот на општеството не е можен, посебно не на општество кое се базира на знаење, без создавање научен подмладок. Во услови кога во последните десетина години државата речиси и не вложуваше во високото образование и науката, ФЕИТ водеше политика на обезбедување и подготовка на млад научен кадар. Исто така, во овој период, голем дел од енергијата на наставниците беше и е насочен кон меѓународната соработка“, рече Ташковски.

Во своето обраќање, министерот за образование и наука, Арбер Адеми го честиташе јубилејот на ФЕИТ, потенцирајќи дека како држава треба да се гордееме на постигнатите резултати.

„Шеесет години од основањето, 60 години традиција, успеси, значајни постигнувања и достигнувања. Резултати со кои се гордееме и од сè срце Ви го честитам јубилејот. Се заблагодарувам за целиот Ваш придонес кон севкупниот општествен развој на државата, имајќи ја в предвид квалитетната реализиција на наставата, на образовниот процес и на научно-истражувачките активности. Ве уверувам дека поддршката од државата, од Владата, од МОН ќе продолжи. Доколку, навистина, сакаме да напредуваме, да постигнуваме резултати, да бидеме конкурентни, тогаш треба да се инвестира во образованието“, додаде Адеми.

За ректорот  професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „ФЕИТ е единствен факултет во државата кој создава кадри во сферата на електроенергетиката, информациските и комуникациските технологии во своите студиски програми. За бројките проговори деканот Ташковски, но јас сакам да го потенцирам квалитетот на инженери кои произлегуваат од оваа високо-образовна институција. Тоа се инженери кои влијаат на развојот на инженерската мисла, инженери кои праткично ги реализираат идеите во дела, инженери кои учествуваат во креирање на сите изуми на човештвото. Нивниот квалитет, секако, се базира на квалитетите на секој од Вас како поединец и како колектив“.

Факултетот додели плакети на институции, компании, професионални и студентски организации за досегашната успешна меѓусебна соработка и придонес во развојот на електротехниката и информациските технологии.

MDE_7394copy.JPG