Негувајќи ја традицијата, организирано и свечено да ги пречекува бруцошите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Универзитетското студентско собрание на УКИМ годинава организира заедничка свеченост, каде што на почетокот на новата академска 2024-2025 година на едно место ќе ги собере сите бруцоши од сите факултети на нашиот Универзитет, како и раководствата и наставно-научниот и соработничкиот кадар на своите единици.
Првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи на 1 октомври 2024 г. на платото кај паметникот на светите Кирил и Методиј во кампусот Ректорат, со почеток во 10 часот.
На првиот академски час предвидено е да се обратат ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Николовски и министерката за образование и наука на РСМ проф. д-р Весна Јаневска.
Агендата на првиот час има и ориентациски карактер и вклучува заедничка информативна сесија на УСС и Студентарија, како и други информативни содржини со обиколка на платото каде бруцошите ќе имаат можност да се запознаат со бројните студентски организации и поддржувачи на УКИМ кои ќе им бидат од голема корист во текот на студентскиот живот.
Истата вечер со почеток во 20 ч., на истото место ќе се одржи голема УКИМска забава на која ќе земат учество студентите на уметничките факултети на УКИМ, студентскиот бенд УКМЦИ, DJ, како и популарни музички групи и млади музички пејачки ѕвезди.
УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ