Матеа Маринова, студентка на магистерски студии на ФЕИТ, освои трето место на 57-то издание на IEEE Region 8 Student Paper Contest (SPC). Таа работи на научни истражувања во Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи под менторство на професорот Валентин Раковиќ.
Нивниот заеднички труд насловен “Accelerating Convergence in Split Learning for Time-Varying and Resource-Limited Environments” првпат беше претставен на локалниот SPC организиран од македонската IEEE секција. Како победнички труд, потоа беше поднесен на IEEE Region 8 SPC. Во почетната фаза од натпреварот, трудот беше избран како еден од најдобрите пет меѓу трудовите пријавени од над 30 држави во рамките на Регион 8 (Европа, Среден Исток и Африка). Процесот на селекција беше извршен анонимно од интернационална комисија, чии членови беа: проф. Џанфранко Чико од Италија, проф. Жоао Карлос Фереира од Португалија, проф. Пол Микалеф од Малта и проф. Вера Марковиќ од Србија. Вториот дел од натпреварот вклучуваше усна презентација на најдобрите пет трудови, оценета од комисијата.
Матеа го презентираше трудот на усното финале за време на Конференцијата MELECON, одржана од 24 јуни до 27 јуни 2024 година во Порто (Португалија), каде што го обезбеди третото место.