Стипендии ОКТА – продолжен рокот за пријавување до 31 мај

Објавено: мај 19, 2025

ОКТА АД – Скопје, членка на HELLENiQ ENERGY, во рамките на програмата за Корпоративна општествена одговорност што ја спроведува, 7- ма година по ред го објавува конкурсот за доделување стипендии на факултетите при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ од Скопје и во странство за академската 2025/2026 година.

Преку својата програма за стипендии за втор циклус на студии, ОКТА АД – Скопје, членка на HELLENiQ ENERGY континуирано и доследно ги поддржува студентите од последната година од прв циклус студии или дипломираните студенти кои се стекнале со високо образование и сакаат да го продолжат своето образование стекнувајќи дополнително знаење и специјализација во области поврзани со активноста на Компанијата.

Ќе бидат доделени две стипендии за редовни постдипломски студии со максимално времетраење од две години. Меѓународната стипендија нуди можност за аплицирање на универзитети во една од следните земји: Грција, Германија, Италија, Белгија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, Данска и Англија. Втората стипендија, која се однесува на студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, опфаќа повеќе насоки на Градежниот, Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии или на Технолошко-металуршкиот факултет.

Право на аплицирање имаат дипломирани студенти или студенти во последна година на прв циклус студии, на возраст до 30 години (или до 32 со релевантно професионално искуство), со просек 8/10 и со упис или писмо за прифаќање на постдипломска програма од Универзитетите од странство.

За условите на конкурсот и за начинот на аплицирање заинтересираните можат да добијат повеќе информации на https://scholarships.helleniqenergy.gr/rnm. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 31 мај 2025, без можност за продолжување на истиот. Сите апликации може да се пратат само електронски на линкот: https://scholarships.helleniqenergy.gr/rnm.