Конкурс за стипендирање на студентите од електроенергетските студиски програми од АД ЕСМ И АД МЕПСО

Објавено: октомври 16, 2023

АД ЕСМ И АД МЕПСО РАСПИШУВААТ КОНКУРС ЗА СТИПЕНДИРАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ ОД ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИТЕ СТУДИСКИ ПРОГРАМИ

   

Како општествено-одговорни компании кои континуирано ги поддржуваат студентите на електроенергетските студиски програми, АД ЕСМ и АД МЕПСО и оваа година доделуваат 10 стипендии за студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Стипендијата е во висина од 8.000,00 денари месечно и важи за една студиска година (10 месеци) со можност за продолжување или прекинување во зависност од исполнување на обврските пропишани во Договорот за стипендирање. Студентот е потребно студиската година да ја заврши во предвидениот рок за редовно студирање и со просек не помал од 8.00.

Услови за пријавување на конкурсот за стипендија се:

  1. Студентите да се редовно запишани на прв циклус студии по прв пат, во прв или трет семестар во учебната 2022/2023 година на една од следните студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС) и Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ).
  2. Студентот кој аплицира за стипендија да не е корисник на стипендија или кредит од други установи, институции или компании.
  3. Просекот на студентот до датумот на аплицирање да е најмалку 8.00.
  4. Студентот да е државјанин на Република Северна Македонија.

Дополнително објаснување: Потенцијалните стипендисти немаат обврски кон компанијата од каде што ќе ја земат стипендијата, во смисла на тоа да се задолжени да работат во таа компанија (ниту во текот на студирањето, ниту по завршување на студиите), ниту пак се задолжени да извршуваат практична настава или друг вид ангажман, освен на доброволна основа.

Потребни документи за пријавување за добивање стипендија:

  • потврда за редовно запишан студент во тековната академска година;
  • уверение за положени испити и реализирани кредити (до датумот на пријавување);
  • копија од диплома за завршено средно образование;
  • копии од дипломи за освоено прво, второ или трето место на домашни или на меѓународни натпревари, освоени за време на средното образование;
  • копии од дипломи за посета на курсеви и други дополнителни обуки;
  • изјава дека не сте корисник на стипендија или на кредит од друга установа, институција или компанија, потпишана и од солидарен гарант;
  • потврда за имотна состојба, работен однос и личен доход на солидарен гарант-потписник;
  • мотивациско писмо;
  • пополнета Апликација за стипендија.

Начин и рок за пријавување:

Уредно пополнетата апликација / прашалник заедно со сите документи наведени во Конкурсот треба да се достави во Студентската служба на ФЕИТ секој работен ден од 12:30 до 14:30 часот во периодот од 16.10.2023 до 31.10.2023.

Изборот на стипендисти ќе се направи по интервјуа со кандидатите спроведени од страна на претставници на компаниите кои ги доделуваат стипендиите.