Оглас за стипендирање од Вардар Доломит

Објавено: октомври 30, 2019

 

ОГЛАС ЗА СТИПЕНДИРАЊЕ

За компанијата Вардар Доломит

Вардар Доломит е европски производител на синтер доломит, доломитни опеки и маси, лоцирана во Гостивар и е во сопственост на групацијата HAZNEDAR REFRACTORIES.

Имајќи директен пристап и контрола на главната сировина преку висококвалитетните рудници кои се во сопственост на компанијата, Вардар Доломит се наоѓа во стратешка предност во однос на неколкуте други производители на доломит во светот. Употребата на доломитот во индустријата за челик е рапидно зголемена во последните децении како резултат на нивната позитивна определба за производство на чист челик во чиста животна средина. Високиот степен на огноотпорност, инертноста кон челикот, одличните перформанси како и ниската цена го истакнуваат доломитот како разумен избор за производителите на челик во 21от век.

Со производен капацитет од над 90.000 тони годишно, Вардар Доломит е горд што ги снабдува своите потрошувачи со доломитни огноотпорни материјали од највисок квалитет, добиени по највисоки стандарди.

  Кариера за нови инженери

Во фабриката Вардар Доломит постои можност за кариера на инженери од сите области особено за електро и машински инженери. Поради видот на процесот на производство во нашата фабрика може да се вработуваат инженери од насоките  автоматика, електроника и електроенергетските насоки.

Стипендирање на нови инженери

Вардар Доломит дава две стипендии, една стипендија за студенти на насоките КСИАР или КХИЕ и една стипендија за студенти од електроенергетските насоки.

Стипендија е во месечен износ од 10.000 денари, во период од една учебна година.

Во текот на стипендирањето студентот е задолжен да ги запази следните услови:

– редовно да ги запишува семестрите, да постигне солиден успех (најмалку 8.00 ) и да дипломира во рокот предвиден со студиската програма на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии.

– на почетокот на секој семестар до давателот на стипендијата да достави потврда за запишан нареден семестар и уверение за предвидени и положени испити со успех и индекс на увид (заради продолжување на договорот ).

– во рок од 30 дена студентот да ги извести давателот на стипендијата за евентуално настани промени, како што се: промена на факултет, отсек, прекинување на понатамошно школување, добивање на друга стипендија или кредит, дипломирање, како и други промени битни за остварување на правото на стипендија, со тоа што студентот е должен веднаш да ја врати целата исплатена стипендија, до моментот на промена на факултет, отсек или прекинување на понатамошното школување.

– корисникот на стипендија го губи правото за стипендија во случај на неисполнување на горенаведените обврски, доколку се утврди дека правото на стипендија го остварил на основа на невистинити податоци приложени на огласот за стипендирање и ако бил правосилно осуден за кривично дело со издржување казна затвор подолга од 6 месеци ( шест месеци ).

Заинтересираните кандидати да се јават кај продеканот проф. д-р Владимир Димчев во Деканатот.