Институтот за електроника (ИЕ) негува три основни научни и наставно – образовни области: електроника, теоретска електротехника со дигитално процесирање на сигнали и електромагнетика. Се разбира, современиот развој во науката води кон сè поголемо поврзување на различни области поради што и дејноста на ИЕ има допирни точки со сите други области што се негуваат на ФЕИТ. Имено, преку енергетската електроника ИЕ е поврзан со дејностите, преобразба и искористување на електричната енергија, како и погонувањето на електроенергетските уреди. Преку дигиталното процесирање на сигнали, а пред сè дигиталното процесирање на: слика, видео и аудиосигнали, како и програмабилните електронски системи во форма на вградливи микрокомпјутерски системи, ИЕ е длабоко поврзан со информациските и комуникациските технологии.
Основната дејност на Институтот е едукативната со која образува инженери од областа на електрониката. Институтот е носител на студиската програма Компјутерско хардверско инженерство и електроника, преку која создава инженери способни да се соочат со модерните предизвици на микроелектронските технологии, современите вградливи микрокомпјутерски системи, дигиталните системи за обработка на сигнали, што го чинат секојдневието на денешниот живот, но исто така и инженери што можат да креираат електронски склопови и уреди за оптимално искористување на енергијата во согласност со денешните еколошки барања.
Денес ИЕ го сочинуваат девет наставника и тројца соработници: проф. д-р Катерина Ралева – раководител, проф. д-р Зоран Ивановски, проф. д-р Лидија Ололоска – Гагоска, проф. д-р Јосиф Ќосев, проф. д-р Љупчо Караџинов, проф. д-р Димитар Ташковски, вон.проф. д-р Томислав Карталов, вон.проф. д-р Андријана Кухар, вон.проф. д-р Бранислав Геразов, доц. д-р Марија Марковска, м-р Марио Макрадули и м-р Никола Јовановски.
ИЕ претставува еден од столбовите на ФЕИТ. Неговите зачетоци датираат од далечната 1963 година кога во рамките на Техничкиот факултет во Скопје се формираат Катедрата за електроника и Катедрата за теоретска електротехника. Од 1965 год. на новоформираниот Електро – машински факултет е формирана Лабораторијата за електроника и автоматика. Во истата година, Статутот на Електро – машинскиот факултет предвидува насока автоматика и индустриска електроника на електротехничкиот отсек, но насоката електроника заживува дури во 1970. год. Во 1972. год. е оформено одделението за електронски мерења, како и посебна Лабораторија за електроника.
По раздвојувањето на Електротехничкиот факултет и Машинскиот факултет во 1976. год., во 1978. год. од насоката електроника се формираат насоките електроника и телекомуникации и информатика и автоматика, а дотогашните катедри се преорганизираат во два института од кои едниот е ИЕ. Ваквата состојба трае кусо и набрзо се формираат десет заводи. Од ИЕ настануваат заводите за: електроника, телекомуникации, автоматика и компјутерска техника и информатика. По иновирањето на програмите на ЕТФ дотогашните заводи се преименуваат во институти.
Во почетокот дел од предметите покриваат наставници од: Белград, Ниш и Загреб. Постепено во институтот се оформува и сопствен кадар, и тоа: проф. д-р Милчо Коцарев (in memoriam), проф. д-р Момчило Богданов, проф. д-р Томислав Џеков, проф. д-р Софија Богданова, проф. д-р Љубен Јанев (in memoriam), проф. д-р Гоце Арсов, проф. д-р Методија Камиловски, проф. д-р Љупчо Пановски, м-р Драган Ничота, вонр. проф. д-р Гоце Шутиноски (in memoriam), Слободан Јовановски. Неколку години како асистент работи и д-р Драгица Василеска, професор на ASU, Темпи, Аризона. Одреден период како асистенти се вработени Владица Сарк и м-р Владо Китановски, а како демонстратори се ангажирани Дарко Цветковски и Александар Милчевски.
Од 2004. год., ИЕ е носител на студиската програма од прв циклус студии Електроника, радиотехника и процесирање на сигнали, а во 2012. година е воведена новата четиригодишна наставна програма Компјутерско хардверско инженерство и електроника, дополнета и осовременета во 2017. ИЕ е организатор и на две летни школи: Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи и Мултимедиски технологии, а е и организатор на едномесечна летна пракса за студентите кои студираат електроника.
На студиите од втор циклус ИЕ нуди три студиски програми: Вградливи микрокомпјутерски системи; Дигитално процесирање на сигнали и енергетска електроника; а од 2013. год. се понудени и програмите Мултимедиски технологии и Микро и нанотехнологии. Институтот е учесник и на докторските студии по ЕИТ.
ИЕ дал и значаен придонес во издавачката дејност на Факултетот и Универзитетот, a со понов датум се следните изданија: К. Ралева заедно со Д. Василеска, А. Shaik и S. M. Goodnick се автори на книгата „Modeling Heating Effects in Nanoscale Devices” издадена од Morgan & Claypool, 2017. Во 2017., Taylor & Francis Books ја издава книгата „Handbook of Optoelectronic Device Modeling and Simulation”, во која Ралева заедно со А. Shaik, R. Hathwar, A. Laturia, S. S. Qazi, R. Daugherty, D.Vasileska и S. M. Goodnick го напишале поглавјето „Monte Carlo Device Simulations”. Во книгата „Cutting Edge Nanotechnology“, свој придонес даваат авторите: Д. Василеска, К. Ралева и S. M. Goodnick, во поглавјето „Heating Effects in Nano-scale Devices“, а издавач е IN-TECH во 2009. год.
Членовите на ИЕ се активни во научно – истражувачката дејност за што говори низата меѓународни проекти, реализирани во последните десет години, како што се: Embedded System Design (2009 – 2010), NSF – ASU Modeling Heating Effects in Low – Power Multi – Gate SOI Devices and High – Power GaN HEMTs (2009 – 2012), SEE – ERA.NET, TVHAPQA – Algorithms for time – varying harmonic analysis for power quality assessment applicable on modern digital signal processors (2010 – 2012), ASU – IMEC Collaboration on Thermal Calculations and Planar Devices (2013), SCOPES Project on Skills Development for Researchers and Educational Personal in Nano and Microelectronics Curricula (2011 – 2014), SCOPES Project on Speech Prosody (2014 – 2016), MECA (Microelectronics Cloud Alliance) – Erasmus Project, (2016 – 2018), H2020 MSCA IF ProsoDeep (2017 – 2019).
Треба да се споменат и истражувачките проекти реализирани во директна соработка со странски компании, како: Research in super – resolution, Texas Instruments Incorporated (2012), Retell speech technologies research (2016 – 2017).
Научно – истражувачката работа на ИЕ е документирана и во низа објавени трудови во меѓународни списанија, од кои би ги издвоиле: IEEE Trans. on Industrial Electronics, IEE Proceedings, IEEE Trans. on Industry Application, Intl. Journal of Electronics, Journal of Circuits, Systems and Computers, IEEE Trans. on Power Electronics, ELECTRONICS, Facta Universitatis, Monte-Carlo Methods and Applications, IEEE Trans. on Electron Devices, IEEE Electron Device Letters, Journal of Computational Electronics, Journal of Computational and Theoretical Nanoscience, Mathematics and Computers in Simulations, Intl. Journal of Signal Processing, Intl. Journal of Online Engineering, IEEE Trans. on Image Processing, IEEE/ACM Trans. on Audio, Speech and Language Processing, Elsevier Speech Communication, IEEE Trans. on Power Delivery, IEEE Trans. on Electromagnetic Compatibility и други.
Листата на конференции на кои учествувале членовите на Институтот само во последните десетина години е импресивна, а бројот на трудови надминува 200.
Кон тоа треба да се додаде дека членовите на Институтот на конференциите често биле и членови на програмскиот или организационен одбор, како на пример конференцијата EPE-PEMC во 2010. год. чиј носител е ФЕИТ, EUROCON 2017. и серијата конференции ETAI.
Членови на ИЕ (проф. Арсов и проф. Караџинов) се иницијатори и основачи на македонската секција на IEEE.
ИЕ остварувал перманентна соработката со стопанството преку различни активности, меѓу кои испитувања на уреди во однос на електромагнетната компатибилност и безбедност за употреба (атести), како и низа проекти за развој на софтвер и електронски уреди, дел од кои се: Софтвер за видеоконтрола на наплатата на патарина – ЈПДП на Р. Македонија (2015); Интерфејс за управување со периферните уреди – ЈПДП на Р. Македонија (2016–2017); Автоматска категоризација на возила – ЈПДП на Р. Македонија (2017). Развој на паметен фотоволтаичен модул – Торакс и Интебако, кофинансиран од ФИТР на Р. Македонија (2018–2020); Развој на преносен уред за мерење на загадувањето на воздухот – Информ и Инофеит, кофинансиран од ФИТР на Р. Македонија (2019).
Во 2011 година екипата на проф. Ј. Ќосев освои втора награда на изложбата „Проналазаштво – Београд 2011“, организирана од Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања – Белград.