На 20 јуни 2024 г. со почеток во 11:00 часот во Центарот на трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ се одржа настанот „Ден на одржлива енергија“. Еднодневниот настан се реализираше како дел од глобалната иницијатива на Европската комисија – Денови на одржлива енергија (Sustainable Energy Days), а нивна цел е промоција на користење на чиста енергија и енергетска ефикасност.
На овој настан беа презентирани проектите поврзани со енергија и одржливост на кои работи кадарот на ФЕИТ, а кои се финансирани од различни програми на ЕУ. Имавме одлични презентации на проектите: TRANSIT, INITATE, evolvEV, R2D2 и SEETheSkills преку кои колегите нѐ запознаа со целите и досегашните резултати од работата на проектите. Разменивме искуства и идеи за понатамошна соработка.
Во рамки на настанот, беа доделени и награди, кои се дел од проектните активности на проектот TRANSIT, и тоа за најдобар детски цртеж, за најдобра магистерска работа од областа на транзиција кон одржлив развој и/или обновливи извори на енергија и за компанија која дала најголем придонес за кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија.
Настанот беше искористен и за да се прикажат и активностите на студентите на ФЕИТ. Презентиран беше студентскиот проект со наслов „Integration of Green Hydrogen and PV Technologies for Sustainability in Healthcare“ од студентите: Емилија Зумрова, Емилија Чешмеџиевска, Ана Ѓорѓиева, Павел Тасевски и Никола Тасевски. Целта на проектот е развивање концептуално решение за хибриден систем кој се состои од фотоволтаични панели и горивни ќелии. Овој концепт овозможува производство на „зелен водород“ и кислород кој би се користел во Институтот за белодробни заболувања кај децата-КОЗЛЕ. Овој студентски проект е пример за интердисциплинарен пристап за зачувување на животната средина и технолошки напредок во здравствениот сектор.
Како дел од настанот, поканети беа и студентите да придонесат со своите иновативни идеи и решенија за воведување на нови одржливи практики на нашиот Факултет. Презентирани беа две идеи:
– „Енергетски одржлива теретана на ФЕИТ“- од студентите Марко Доневски, Елена Тодорова, Викторија Пројкова и Матеј Дабески, и
– „Интеграција на фотобиореактори во фасадата на зградата на ФЕИТ“ – од студентите Стефанија Лазаровска, Бојана Илиева и Методија Михајловски.
И двете идеи наидоа на одличен прием од присутните на настанот, дополнително и поради фактот што студентите кои ги презентираа своите идеи се од втора студиска година.
Настанот имаше за цел да придонесе кон зголемување на видливоста за одржливи и зелени практики во нашето живеење и работење, како и да се соберат и имплементираат креативни, остварливи и интердисциплинарни решенија кои ќе придонесат ФЕИТ да стане модел за енергетска ефикасност и одржливост во нашата заедница.
Настанот беше поддржан од ФЕИТ и Македонската секција на ИЕЕЕ.