Институт за преносни електроенергетски системи

Институтот за преносни електроенергетски системи (ИПЕЕС) ја негува проблематиката на пренос и дистрибуција на електрич­ната енергија низ наставната, научно-­истра­жу­вачката и апликативната дејност. Во рамките на ИПЕЕС се работи на сите домени од оваа проблематика, од оптимал­ното планирање и проектирање, до режимите и условите за експлоатација на електроенергетските системи (ЕЕС), како и техниката на висок напон и испитувањето на материјалите за електрична изо­ла­ција.

Историјата на ИПЕЕС започнува како некогашната Катедра за преносни електрични системи, која функционира во рамките на тогашниот Институтот за енергетика, формиран во 1977 година, кога од Електромашинскиот факултет се формирани  Електротехничкиот и Машинскиот факултет.

Катедрата работи во рамките на Институтот за енергетика, еден од двата институти формирани со одвојувањето. Наскоро потоа, од Институтите за енергетика и електроника, се формираат 10 заводи, меѓу кои и Заводот за преносни електроенергетски системи, чијшто директен наследник е денешниот Институт за преносни електроенергетски системи.

Тимот на Институтот во 2023 година го сочинуваат: проф. д-р Мирко Тодоровски, раководител на Институтот, проф. д-р Рубин Талески, проф. д-р Весна Борозан, проф. д-р Александра Крколева Матеска, вонр. проф. д-р Јовица Вулетиќ, вонр. проф. д-р Јорданчо Ангелов, вонр. проф. д-р Петар Крстевски и доц. д-р Васко Здравески.

проф. д-р М.Тодоровски; вонр. проф. д-р Ј. Вулетиќ; проф. д-р А.Крколева Матескапроф. д-р Р. Талескипроф. д-р В. Борозан; вонр.проф. д-р Ј. Ангелов; доц.д-р В. Здравески; вонр.проф. д-р П. Крстевски (од лево кон десно)

Покрај сегашниот тим на ИПЕЕС, членови на Институтот биле: проф. д-р Александар Величковски, проф. д-р Драгослав Рајичиќ, прв дипломиран инженер од електромашинскиот отсек на Техничкиот факултетот во 1963 година, проф. д-р Ристо Миновски (добитник на наградата 11. Октомври), проф. д-р Симеон Близнаковски (прв постдипломец што одбранил магистерска работа на Електротехничкиот факултет), проф. д-р Драгомир Арсов, проф. д-р Љубомир Николовски, проф. д-р Властимир Гламочанин, проф. д-р Ристо Ачковски, д-р Војислав Јанков, д-р Александар Димитровски, м-р Александар Ласков и Светислав Дабески.

Развојот на ИПЕЕС е проследен со постојан развој на наставната програма која ја покриваат кадрите од овој институт.Во првиот нас­та­вен план на Техничкиот факултет во Скопје за учебната 1959/60 година се предаваат предмети од областа на преносните системи, поточно предметите: пренос на електрична енергија, електрични мрежи, електрично осветление и инсталации. Години подоцна кога од насоката Енергетика се формираат насо­ките Електростопанство и Електроиндустрија, бројот на пред­мети од областа на ИПЕЕС значително се зголемува во насоката Електростопанство, во која ИПЕЕС е еден од носечките институти.

Во седумдесеттите години се зголемува и бројот на предмети, но и постојано се надградуваат постојните предмети, се разбира, во согласност со измените на наставните планови на Електротехничкиот факултет и со новите достиг­нувања во областа на преносните и дистрибутивните системи. Во тој период е оформена насоката Електро­енергетика, со неколку поднасоки, меѓу кои и Електроенергетски системи  и Дистрибутивни системи. Всушност, тоа се насоките чии наставни планови се составен дел од проблематиката на ЕЕС. Тогаш се воведени предметите планирање и развој на ЕЕС, пренапони во ЕЕС, компјутерски методи за анализа на ЕЕС, управување  диспечинг на ЕЕС, надземни и кабелски водови и дистрибу­тивни системи. Наставниците од тогашната Катедра за преносни електрични системи држат настава и на насоката Индустриска електроенергетика и автоматизација. Подоцна, направени се уште низа реформи на наставните програми, според кои продолжуваат да постојат двете енергетските насоки, но без поднасоки. И во овој период се воведени уште неколку нови предмети, а наставниот кадар продолжува да држи настава и на двете насоки, се разбира, со поголем број предмети на насоката Електроенергетика.

Последните реформиво високото образование овозможија воведување на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС). Оваа реформа е проследена со формирање на 4 енергетски модули, така што денес наставниот кадар од ИПЕЕС ги покрива, пред сè, модулот Електроенергетски системи, но и одделни предмети на останатите електроенергетски модули.

Според сегашните наставни планови, членовите на ИПЕЕС се одговорни за изведување на наставата на повеќе од 25 предмети од додипломските студии, од кои дел се сосема нови дисциплини кои претходно не се предавани на енергетските насоки, или барем не во таков облик. Воведени се предметите квалитет на електрична енергија, компју­терски методи во електроенергетиката, апликативен софтвер во електроенергетиката, заземју­вачи и заземјувачки системи во електроенергетски мрежи, пазари на електрична енергија, технички системи на управување, компјутерска анализа на преодни процеси, компјутерска анализа на стационарни процеси и други.Освен тоа, во рамките на овој Институт постојано се работи на надградување на програмата на постдипломски студии, со цел да се следат современите текови во енергетиката и да се создаваат кадри оспособени да одговорат на предизвиците кои ги носат денешните промени во електроенергетскиот сектор. Постдипломските студии се многу важен дел од едукативната сфера во кои отсекогаш се вложувало, порано преку воведување на нови предмети на насоката Преносни и дистрибутивни системи, а и денес, преку оформување на програма за едногодишни постдипломски студии според ЕКТС. Модулот ЕЕС на магистерскитестудии нуди изучување на 12 дисциплини, а наставата ја изведува кадарот од ИПЕЕС.

Членовите на овој институт се активни и во подготовката на учебни помагала и други материјали за студентите, но и книги од областа на преносни и дистрибутивни системи, наменети за инженерите кои работат во областа на електроенергетиката.

Иновативниот пристап во изведувањето на наставата е основна заложба на членовите на ИПЕЕС. Така, освен подготовката на учебници и материјали за вежби по повеќето од предметите, се води сметка и за подготовка на практични програми и компјутерски вежби со цел проблематиката да се доближи до студентите и да им се овозможи запознавање на софтверски алатки кои ќе можат да ги користат и по завршувањето на студиите. Всушност, согледувајќи ја потребата од инженери кои не само што ќе имаат познавања од некои основни компјутерски алатки, туку ќе бидат оспособени истите да ги искористат за решавање на секојдневните инженерски проблеми со кои ќе се соочат во својот работен век, членовите на ИПЕЕС ги воведуваат овие алатки во предавањата од голем број предмети. Не помала важност се дава и на практичните лабораториски вежби, за што се користи опремата од лабораториите за висок напон и пазари на електрична енергија.

Научноистражувачката и апликативната дејност претставуваат многу важен дел од активнос­тите кои се одвиваат во рамките на ИПЕЕС. Всушност, овие дејности често се испреплетуваат бидејќи голем дел од проектите произлегуваат од соработка со енергетските компании. Оваа соработка започнува уште во седумдесеттите години од минатиот век и успешно продолжува и денес. Членовите на ИПЕЕС се вклучени во изработката на студии и други проекти главно од делокругот на работата на „Електростопанство на Македонија“, а со преструктуирањето на „Електростопанство на Македонија“, соработката продолжува со ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН Македонија.

Во изведувањето на апликативните проекти, од особено значење е и Лабораторијата за висок напон, во која се направени над 2000 испитувања на опрема за потребите на стопанството

Освен во подготовката на студии, членовите на ИПЕЕС учествуваат и во поголем број домашни и странски научно-истражувачки проекти. Во тој контекст, позначајно е да се спомене дека членовите на ИПЕЕС се раководители и учесници во шест проекти финансирани од Европската Комисија во рамките на програмите FP6 (MoreMicroGrids, RISE), FP7 (SEETSOC), Tempus (CEFES, JADES) и Horizon2020 (CROSSBOW) и два проекта финансирани од Кралството Норвешка (PX, TEP).

Практичните резултати од големиот број студии, проекти и соработки се објавени на голем број домашни и меѓународни конференции, меѓу кои спаѓаат CIGRE, CIRED,  MELECON, CEIDP, ICPAD, како и други конференции кои се поддржани од организацијата IEEE. Исто така, објавени се трудови во реномираните списанија IEEE Transactions on Power Systems, IEEE Transactions on Power Delivery и IEEE Transactions on Energy Conversion, Energy, Applied Energy и European Transactions on Electrical Power, како и во други реномирани списанија од оваа област. Членовите на ИПЕЕС се активни и во меѓународната конференција за големи електрични системи СИГРЕ Париз, преку здружението СИГРЕМакедонија, во чие основање и раководење свој особен придонес дадоа повеќето членови на ИПЕЕС. Освен тоа, редовно објавуваат трудови и во домашните списанија за енергетика и зборниците на трудови на ФЕИТ.