Институт за телекомуникации

Основна дејност на Институтот за телекомуникации (ИТК) е образование на стручен кадар со експертиза од областа на телекомуникациите,  со фокус на научни истражувања и соработка со индустријата и стопанството во релевантни и сродни области.

Тековниот кадар на ИТК го сочинуваат: проф. д-р Борислав Поповски -раководител на ИТК, проф. д-р Лилјана Гавриловска, проф. д-р Тони Јаневски, проф. д-р Венцеслав Кафеџиски, проф. д-р Зоран Хаџи – Велков, проф. д-р Александар Ристески, вонр. проф. д-р Перо Латкоски, вонр. проф. д-р Владимир Атанасовски, вонр. проф. д-р Марко Порјазоски, доц. д-р Славче Пејоски, доц. д-р Томислав Шуминовски, доц. д-р Валентин Раковиќ, Марија Попоска, демонстратор. 

проф. д-р М. Порјазоски; вонр. проф. д-р В. Атанасовски; вонр. проф. д-р П. Латкоски; проф. д-р Т. Јаневски; проф. д-р Б. Поповски; доц. д-р Т. Шуминовски; М. Попоска; доц. д-р С. Пејоски (стојат од лево кон десно); проф. д-р А. Ристески, проф. д-р Л. Гавриловска, проф. д-р В. Кафеџиски, проф. д-р З. Хаџи – Велков (седат од лево кон десно)

Раководители на ИТК биле проф. Б. Спасеновски, проф. д-р Т. Улчар Ставрова и проф. д-р Л. Гавриловска. Негувањето на областа телекомуникации на нашиот факултет започнува во 1970. година во рамките на тогашната слабострујна насока со воведување на првите два предмета од областа на телекомуникациите, предавани од проф. Георгије Лукатела од ЕТФ Белград, и проф. Б. Спасеновски. Во 1977 година е формирана Катедрата за телекомуникации, чиј прв раководител бил проф. Спасеновски. Катедрата прерасна во Завод за телекомуникации (1982), а подоцна е преименувана во Институт за телекомуникации.

Во развојот на ИТК, освен од постојниот кадар, за одбележување се активностите и ангажманот на проф. Борис Спасеновски (во пензија), виш предавач Ристо Тунтев (in memoriam), проф. д-р Татјана Улчар Ставрова (во пензија), доц. д-р Љубомир Стрезов (во пензија), кои ги поставија основите на телекомуникациите во образованието во Македонија. Нивната традиција и стремеж кон извонредност ги наследија нивните следбеници, активно вработениот кадар на ИТК, кои заедно со колегите д-р Петар Пепељуговски, м-р Марјан Богатиновски, м-р Сашо Стојановски, д-р Тони Стојановски и проф. д-р Петар Поповски, кои поминале одреден период на ИТК, придонесоа кон развојот на наставната програма и создавањето на квалитетен професионален кадар.

Активните професори од ИТК се поканувани како визитинг професори на европски универзитети (проф. д-р Л. Гавриловска на Универзитетот во Алборг / Данска и проф. д-р З. Хаџи – Велков на ТУ во Ерланген / Германија) и на стручни престои во познати академски институции и светски познати лаборатории (ТУ Ерланген, Германија; GaTech, USA; IBM T. J. Watson Research Center, New Yоrk, USA; ТУ Даблин, Ирска; Ла Сапиенца Рим, Италија; Институт Eurecom, Франција; ТУ Ахен, Германија; ТУ Берлин, Германија; UoT, Канада.)

ИТК покрива настава на голем број научни дисциплини во рамките на студиската програма ТКИИ на првиот циклус студии (на модулите ИКТ системи и мрежи и ИКТ апликации и сервиси), но учествува и во други студиски програми и нуди услуги на сродни институти. ИТК реализира наставна програма и на вториот циклус студии (студиските програми Безжични системи, сервиси и апликации (БССА) и Комуникациски и информациски технологии (КИТ)), како и на третиот циклус студии (студиските програми ЕИТ и Метрологија). Сегашниот опус на додипломски студии вклучува предмети кои се задолжителни (6) и се однесуваат на базичните содржини од областа, но и голем број на изборни предмети (40), кои го отсликуваат актуелниот хетероген и интегриран техничко – технолошки амбиент и воведуваат иновативни содржини и пристап. Низ реализираните проекти се овозможени и стручни престои на регуларните студенти вклучени во тековните истражувања. Во измината декада ИТК бил домаќин на повеќе странски студенти и соработници (Англија, Грција, Словенија, Естонија, Норвешка, Полска). Членовите на Институтот активно придонесуваат кон издавачката дејност на Факултетот публикувајќи три учебника (ФЕИТ / УКИМ) и повеќе учебни помагала.

ИТК високо котира во рамките на УКИМ, како Институт со препознатливо научно реноме пред сѐ по број на меѓународни (EU, NATO и билатерални) истражувачки проекти (17) кои покриваат широк дијапазон на актуелни области, како што се: дизајн на виртуализирани платформи, когнитивни мрежи и релевантни феномени, испитувања во домен на радари, телекомуникации со „жетва на енергија“, феномени на безжични канали и мрежи, ИКТ иновативни платформи, енергетска ефикасност, оптички мрежи, управување и оптимизација, сигурносни комуникации. Меѓу големиот број на научно – истражувачките проекти во последните 10 години се реализирани: eWALL (eWall за активен продолжен живот), (2013 – 2016 (FP7 IP), раководител Л. Гавриловска); Fly – GPR (Радар за продирање во земја интегриран со хексакоптер за автоматска детекција на мини), (2016 – 2019 (NATO Science for Peace and Security), раководител В. Кафеџиски); ACROPOLIS (Напредни коегзистирачки технологии за радио оптимизации во лиценциран и нелиценциран опсег), (2010 – 2013 (FP7 NoE), Л. Гавриловска); FARAMIR (Флексибилен радио пристап со познавање на спектарот преку мерења и моделирање во когнитивни радио системи), (2010 – 2012 (FP7 STREP), Л. Гавриловска); Енергетска ефикасност во безжично напојувани телекомуникациски мрежи, (2017 (билатерален со Кина), раководител З. Хаџи – Велков).

Членовите на ИТК своите истражувачки резултати ги публикуваат во врвни списанија (со и без фактор на влијание – ФВ), и ги презентираат на голем број меѓународни конференции. Вкупно во последните години имаат објавено 53 труда во списанија со ФВ (IEEE Communications Surveys and Tutorials, IEEE Trans. on Communications, IEEE Trans. on Wireless Communications, IEEE Trans. on Information Theory, IEEE Communication Letters, IEEE Signal Processing Letters, IEEE Wireless Communications Letters, Elsevier COMNET и DSP, Springer WPC  Journal и други), 39 во списанија без ФВ и 223 на конференции (IEEE GLOBECOM, PIMRC, IEEE ICC, IEEE MILCOM, IEEE EUROCON, IEEE (DySPAN), ICT, ETAI, IEEE CCNC, IEEE INFOCOM и др.). Членовите на ИТК имаат издадено 10-тина книги и 15-тина поглавја во книги од реномирани светски издавачки куќи, како на пр.: Wiley&Sons, Springer Pbl. Int., Artech House, Chapman&Hall/CRC, Nova Sci.Pbl.

ИТК активно соработува со стопанските организации од земјата (Neotel, Македонски железници, Македонски Телеком, AEK, Совет за радиодифузија, ИСРМ) учествувајќи со својата професионална експертиза. Низ соработката се реализирани (10) стручно / апликативни проекти, меѓу кои: Изработка и имплементација на софтверско решение за QoS кај ОТТ (Б. Поповски, 2014 – 2015) за NEOTEL; SmartWine – интегриран систем за оддалечено набљудување на лозови насади користејќи безжични сензорски мрежи (Л. Гавриловска, 2013), за Македонски Телеком; Истражување за нови услуги овозможени со користење на дигиталната дивиденда (ворамки на FP7 проектот SEE DigiTV), (А. Ристески, 2013), за Совет за радиодифузија на РМ.

ИТК е иницијатор и покровител на меѓународната конференција Балканком 2019., FABULOUS 2015. и работилниците FutureComNet 2014 – 2016. Членовите на ИТК земаат активно учество на разни меѓународни конференции и собири држејќи предавања, туториали, организирајќи специјални сесии и учествувајќи во панел дискусии.

Членовите на ИТК повеќе пати се наградувани за својата работа со меѓународни и национални врвни признанија: награда „Гоце Делчев” (проф. д-р Т. Јаневски за 2011. и проф. д-р Л. Гавриловска и вонр. проф. д-р В. Атанасовски за 2013.); најдобрите научници на УКИМ (проф. Л. Гавриловска за 2012., проф. д-р Т. Јаневски и проф. З. Хаџи – Велков за 2013., проф. В. Атанасовски за 2014. и доц. д-р В. Раковиќ за 2017.); награди на истражувачката WINGroup под раководство на проф. д-р Л. Гавриловска: Best Demo Award на IEEE DYSPAN во 2011. и 2015.; за дизајн на DIONIS на Balkan Venture Forum во 2012.; за дизајн SmartWine од Македонски Телеком во 2013.

На иницијатива на членовите на ИТК се формирани два оддела при Македонската секција на ИЕЕЕ (Оддел за телекомуникации – 1998. – со проф. д-р Л. Гавриловска како прв претседател; Оддел за теорија на информации – 2011. – со проф. д-р В. Кафеџиски како прв претседател). Проф. д-р Л. Гавриловска била член на IEEE COMSOC NECNEC, 2015 – 2017. Вонр. проф. д-р П. Латкоски е избран за претседател на Македонската секција на ИЕЕЕ (2018. до денес).