Лабораторијата за телекомуникации е составен дел на Институтот за телекомуникации (ИТК) од самото нејзино формирање во 1974. година. Досегашни раководители на Лабораторијата биле: проф. Борис Спасеновски, д-р Љубомир Стрезов, проф. д-р Лилјана Гавриловска и проф. д-р Борислав Поповски. Моментално раководител на Лабораторијата е вон. проф. д-р Перо Латкоски.
Во Лабораторијата за телекомуникации се изведува наставно – образовна, научно – истражувачка и апликативна дејност од областа на телекомуникациите. Наставната дејност е доминантна и овозможува студентите практично да се запознаат со современите техники за пренос на сигнали и обработка на податоци, со телекомуникациските системи и мрежи, нивните архитектури и протоколи, но исто така и со вештините за изработка и оптимизација на телекомуникациски апликации и сервиси. Во Лабораторијата се спроведуваат вежби по најголем дел од предметите кои ги опслужува Институтот за телекомуникации во рамките на студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство. Лабораториските вежби се изведуваат со употреба на компјутерско – симулирани средини како што се: Matlab, Mathematica, Telelogic Tau SDT Tool (SDL), Optiwave System, OPNET, QualNet итн., но и со системски макети, спектрални и протоколни анализатори, осцилоскопи, и сл..
Лабораторија за телекомуникации
Како дел од наставниот процес, голем број студенти на додипломски и постдипломски студии ги изработуваат своите семинарски, дипломски и магистерски работи во Лабораторијата за телекомуникации.
Лабораторијата за телекомуникации при ФЕИТ е единствена лабораторија од тој вид во Република Македонија и бележи постојан развој од нејзиното формирање, до денес. Лабораторијата располага со врвен човечки капацитет и постојано се стреми кон нејзино техничко дополнување и осовременување.