Трета работилница за развојни микропроцесорски системи во рамките на проектот „Технологија за тебе„

Објавено: мај 11, 2022

На 09 и 10.05.2022 година се реализираше третата работилница за развојни микропроцесорски системи во организација на Логинг Електроникс и Факултетот за електротехника и информациски технологии. На работилницата земаа учество 30-ученици и 28-професори од девет средни училишта за техничко образование од Македонија: СУГС Владо Тасевски, Скопје; СОУ Ѓорче Петров, Крива Паланка; СОТУ Ѓорѓи Наумов, Битола; ССОУ Коле Неделковски, Велес; СЕТУ Михајло Пупин, Скопје; ОСТУ Наце Буѓони, Куманово; СОУ Ристе Ристески Ричко, Прилеп; СОУ Ѓошо Викентиев, Кочани; СОСУ Илинден, Скопје; како и стручниот кадар на Логинг Електроникс и професорите од ФЕИТ. Основната цел на работилницата е промоција на електротехниката и пружање техничка и професионална поддршка на учениците и професорите од средните стручни училишта во државата.
Работилницата на проектот „Технологија за тебе„ се состоеше од повеќе активности: стручни и научни предавања од повеќе актуелни области од електротехниката, натпревар од областа на развојни микропроцесорски системи, презентација на средношколски проекти и најнови технолошки достигнувања во полето на вградливите микрокомпјутерски системи. Во првиот дел од работилницата фокусот на предавањата беше поставен на концептот на отворено образование и примената на машинското учење и науката за податоци во средното стручно образование. Во понатамошниот тек од настанот учениците се натпреваруваа во практична реализација на електронски кола и развојни програмабилни системи, како и преку презентација на разни практични решенија со употреба на опремата донирана од Логинг Електроникс.
На натпреварот за практична реализација на електронски кола и развојни програмабилни системи беа постигнати следните резултати:

  1. Прво место – СОТУ “Ѓорѓи Наумов” -Битола
  2. Второ место – ОСТУ,,Наце Буѓони” -Куманово
  3. Трето место – СОСУ “Илинден” -Скопје

За најдобра презентација на практични решенија со опремата донирана од Логинг електроникс првото место го освои ССОУ “Коле Неделковски” од Велес.
За деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии Проф. д-р Димитар Ташковски, организацијата на овој настан има големо значење за ФЕИТ кој својата општествена одговорност секогаш ќе ја покажува преку активна подршка на средните стручни училишта. Тој истакна дека целта на ФЕИТ е да ги привлече и да ги мотивира младите ученици да ги продолжат своите студии во областа на електротехниката, а при тоа ФЕИТ ќе им овозможи квалитетно образование и можност за нивно професионално усовршување. „Дипломата која ја стекнуваат инженерите на ФЕИТ е меѓународно призната што се потврди и со нашата ASIIN акредитација на студиските програми”, истакна Проф. д-р Димитар Ташковски.
Со повторно организирање на работилницата, нашата мисија на подигнување на свеста за употреба на новите технологии во секојдневието e посебно значајно за нас, обликувањето на младите умови во насока на креативно размислување и свесност за неограниченоста на нивниот личен потенцијал продолжува. Како и порано така и сега сакаме во Македонија да им овозможиме на младите ентузијасти во електрониката и идните инженери да се едуцираат и да користат врвна опрема со помош на квалификувани ментори што има за цел личната сигурност кај учениците да ја дигне до ниво, дека ја владеат темава, дека можат се.„ изјави директорот на Логинг Електроникс, г-дин Златко Крстевски.
Оваа година, работилницата за развојни микропроцесорски системи се реализираше преку воспоставената лабораторија за производство на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ-ФАБЛАБ кофинансирана од Фондот за иновации и технолошки развој. Вон. проф. д-р Живко Коколански, претставник од тимот на ФЕИТ-ФАБЛАБ, изјави дека лабораторијата за производство внесува нов квалитет во реализацијата на настанот преку користење на професионална опрема и наменски изграден поростор согласно интернационалните стандарди на ФАБЛАБ. „Ова е прва од многуте предвидени активности на ФЕИТ-ФАБЛАБ која ќе им овозможи на сите млади професионалци, ентузијасти и хобисти да ги реализираат своите идејни технички решенија. Лабораторијата за производство на ФЕИТ е отворена за сите и ќе биде место кое ќе го поттикне развојот на креативноста и иновативноста на младите лица во полето на електротехниката.”, истакна д-р Живко Коколански.

Групна фотографија на учесниците на работилницата за развојни микропроцесорски системи

 

Предавања на тема на отворено образование и примена на машинско учење во средното стручно образование

 

 Најнови технолошки достигнувања во полето на вградливи микрокомпјутерски системи

 

Натпревар во реализација на електронски кола и развојни програмабилни системи