Институтот за автоматика и системско инженерство (ИАСИ) е една од организационите единки на Факултетот. Во негова надлежност се наставната и научно – апликативната дејност од областа на автоматиката, роботиката и системското инженерство, при што низ сите години на своето постоење ИАСИ се залага за развитокот на системското инженерство, автоматиката, роботиката, вештачката интелигенција, како научни дисциплини а и како апликативни дејности во инженерството, кај системи од техничка и нетехничка природа. За актуелноста на областите кои ги покрива Институтот, говори и фактот што најголем дел го сочинуваат јадрото од четвртата индустриска револуција (Industry 4.0).
Моментално на Институтот во наставниот процес се вклучени следните наставници и соработници: вонр. проф. д-р Весна Ојлеска Латкоска – раководител на ИАСИ, вонр. проф. д-р Горјан Наџински, доцент д-р Душко Ставров, асистент м-р Стефан Златинов, асистент м-р Филип Дончевски.
Основите на кои е поставен Институтот денес ги имаат своите корени во првите десет години од постоењето на Факултетот. Првите зачетоци на институтот се гледаат во далечната 1964 година кога се вовел првиот предмет од областа на автоматиката под име автоматизација и регулација, а постоењето и развитокот на Институтот, каков што е денес, започнува со формирањето на Катедрата за електроника и автоматика на електромашинскиот оддел на електротехничкиот отсек на Техничкиот факултет, при што по отворањето на новата насока електроника (во 1970 година), во академската 1971/1972 година, во нејзини рамки се формирале две катедри: Kатедра по електроника и Катедра по техничка кибернетика. Надлежностите и понатамошниот развиток на областите автоматика и пресметувачка техника припаднале на Катедрата по техничка кибернетика. Катедрата за техничка кибернетика продолжила да ги развива и негува областите за системите на автоматско управување и автоматизација, како и за компјутерството и информатиката, во рамките на Институтот за електроника, и по основањето на ЕТФ. Со статутот од 1982 година Катедрата за техничка кибернетика прераснала во Завод за aвтоматика, за во 1995 година од Заводот за автоматика произлезе денешниот Институт за автоматика и системско инженерство (ИАСИ).
Освен претходно наведениот тековен кадар, низ годините на своето постоење, на Институтот биле вклучени во наставниот процес следните наставници и соработници: проф. д-р Пане Видинчев (in memoriam), основач на Институтот; проф. д-р Георги Димировски; проф. д-р Татјана Колемишевска – Гугуловска; проф. д-р Миле Станковски, проф. д-р Елизабета Лазаревска, асист. м-р Бојан Соколов (in memoriam); виш технички соработник м-р Тихомир Мукаетов, демонстратор Столе Јовановски, помлад асистент м-р Матеј Добревски (на студиски престој во странство).
Наставници и соработници кои во последните 10 години, во одреден период, биле вклучени во дејноста на ИАСИ биле: проф. д-р Стојче Десковски, хонорарно ангажиран во наставата на студиите од прв и втор циклус на ИАСИ – ФЕИТ; вонр. проф. д-р Горан Стојановски; доц. д-р Игор Трајковски; асист. м-р Живко Ицев; асист. д-р Билјана Милева – Бошкоска; демонстратор м-р Горан Владев; и демонстратор м-р Иван Гочев.
Во однос на првиот циклус студии, Институтот главно ја покрива наставата на студиската програма Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика – КСИАР, изведувајќи настава и пренесувајќи знаења и вештини во различните области од: анализа и синтеза на системи на автоматско управување, роботика, вештачка интелигенција, моделирање на системи, компјутерско – информациски технологии, интелигентни системи и нивно управување, SCADA системи и друго. Покрај студиските програми на првиот циклус, во однос на вториот циклус студии, Институтот примарно учествува во наставата на студиска програма Автоматика, роботика и системско инженерство – АРСИ, а вклучен е и во наставата на други студиски програми. Значаен факт е учеството на ИАСИ во воведувањето на студиската програма Микро и нано технологии од вториот циклус студии на ФЕИТ. Во однос на третиот циклус студии, Институтот е одговорен за низа предмети на студиските програми Електротехника и информациски технологии и Метрологија на ФЕИТ.
Во текот на минатите децении ИАСИ бележи богата интерна издавачка дејност на: многубројни учебни помагала, скрипти, напатствија за вежби, интерни електронски материјали, како и книги. Во минатите 10 години членовите на ИАСИ продолжуваат со издавачка дејност, при што во овој период се издадени: 5 учебника, 6 збирки, 5 интерни скрипти од предавања, 9 интерни скрипти од вежби, 11 упатства за лабораториски вежби.
Една од основните дејности на ИАСИ е и развој на научни истражувања во различни области од системското инженерство, автоматиката, роботиката, вештачката и компјутациона интелигенција. Низ годините на Институтот се изработени повеќе научно – истражувачки проекти, и тоа: проекти финансирани од Министерството за образование и наука, билатерални проекти со Р. Словенија и Р. Кина, проекти со Швајцарија, Р. Бугарија, и низа други земји. Во последните 10 години најзначајно е да се споменат следните научно – истражувачки проекти: „Boosting EU-Western Balkan Countries research collaboration in the Monitoring and Control area – BALCON”, финансиран во рамките на програмата FP7 (Contract No 288076); „Skills Development for Young Researchers and Educational Personal in Nano and Microelectronics Curricula: Implementation of Methods for Bilateral Knowledge transfer between Universities and SMEs – SCOPES”, (2011–2014); „MicroElectronics Claud Alliance – MECA (Микроелектроника – Алијанса во облак – МАО)“, финансиран од страна на Европската унија, во рамките на програмата ERASMUS + (2016-2018); како и учеството на проектот „Nearly Zero Energy Building Retrofit – MenS-Meeting of Eenrgy Skills”, финансиран од страна на Европската унија, во рамките на програмата H2020.
Од своето постоење до денес, членовите на Институтот своите научни истражувања ги имаат публикувано во бројни зборници од научни и домашни конференции, како и голем број меѓународни научни списанија. Во последните 10 години членовите на Институтот имаат објавено над 80 трудови на меѓународни конференции, над 25 трудови во меѓународни научни списанија, како и 7 делови од научни монографии.
Значајно е да се спомене дека дел од членовите на ИАСИ се иницијатори и основачи на Друштвото за ЕТАИ на Македонија, кое се јавува како организатор на најреномираната домашна конференција од областите: електроника, телекомуникации, автоматика и информатика – ЕТАИ, која од 2011 година стана меѓународна. Низ годините членовите на ИАСИ се активни учесници во низа програмски и организациски одбори на меѓународни и домашни конференции, меѓу кои: ЕТАИ, ЈУ-ЕТАН, EPE-PEMC, DECOM, COSY, IEEE-EUROCON, IEEE-SMC, IEEE ICCA.
Денеска Институтот е ценет и почитуван субјект во релациите факултет – стопанство, за што говорат и некои капитални и значајни апликации од интерес за развитокот на нашето стопанство. Низ годините на ИАСИ се изработени повеќе апликативни проекти, дел од нив финансирани од соодветни стопански организации, а дел финансирани од други фондови (на пример USAID, IPA и слично). Во последните 10 години најзначајно е да се споменат следните апликативни проекти: „Develop Computer Control Kits for Vocational School” (2009-2010, помеѓу USAID и УКИМ – ФЕИТ-ИАСИ); „A real time monitoring and leakage detection and reduction system in water distribution networks – Smart Water Save”, во рамките на програмата INTERREG IPA CBC Programme „Greece – former Yugoslav Republic of Macedonia 2014-2020″ (2018-2020); Консултативни услуги за SCADA системот на Хидро системот Злетовица, како дел од проектот имплементиран од јапонската компанија PCI (Pacific Consultancy International); Проектирање на SCADA систем за управување и мониторинг на водоснабдителниот систем во Пробиштип; ревизии на електротехничкиот дел на техничката документација за железничките линии: Битола – Кременица, Куманово – Бељаковце, Бељаковце – Крива Паланка, Кичево – албанска граница, Крива Паланка – Бугарија, како и многу други помали и поголеми апликации во стопански и нестопански организации.