Институт за Математика и Физика

Во рамките на наставната, научно – истражувачката и апликативната дејност  на Институтот за математика и физика (ИМФ) се негуваат две фундаментални области: математика и физика и нивна примена во новите технологии. Имајќи предвид дека овие области се основата на инженерството, јасно е дека дејноста на Институтот има допирни точки со сите други области кои се негуваат на ФЕИТ.

Наставниот кадар од Институтот е вклучен во наставата на речиси сите студиски програми на трите циклуси на ФЕИТ. Во наставниот процес на Институтот учествуваат следниве наставници и соработници: проф. д-р Христина Спасевска – раководител на Институтот, проф. д-р Верка Георгиева, проф. д-р Анета Бучковска, проф. д-р Маргарита Гиновска, проф. д-р Соња Геговска – Зајкова, проф. д-р Билјана Јолевска – Тунеска, проф. д-р Катерина Хаџи – Велкова Санева, вонр. проф. д-р Билјана Начевска – Настовска,  вонр. проф. д-р Лихнида Стојановска – Георгиевска, вонр. проф. д-р Весна Андова, доц. д-р Сања Атанасова, соработник м-р Ивана Сандева, демонстратор м-р Јасмина Ангелевска Костадиновска и демонстратор м-р Александар Крлевски.

доц. д-р С. Атанасова; вонр. проф. д-р В. Андова; вон. проф. д-р Л. Стојановска – Георгиевска; вонр. проф. д-р Б. Начевска – Настовска; м-р А. Крлевски; проф. д-р К. Хаџи – Велкова Санева; м-р И. Сандева; м-р Ј. Ангелевска Костадиновска (стојат од лево кон десно); проф. д-р М. Гиновска; проф. д-р С. Геговска – Зајкова; проф. д-р В. Георгиева; проф. д-р Х. Спасевска; проф. д-р А. Бучковска (седат од лево кон десно)

ИМФ започнува како Катедра по математика на Техничкиот факултет во Скопје. Во учебната 1959 / 60 година, паралелно со отворањето на одделот за електротехника, одделот за машинство и одделот за технологија со металургија, се оформува и Лабораторијата по физика. Со основањето на Електромашинскиот факултет во 1965. година. Катедрата по математика прераснува во Катедра по математика и физика. Во 1977. година, со формирањето на Универзитетскиот центар за математичко – технички науки (УЦМТН), членовите на Катедрата се вклучуваат во работата на Математичкиот факултет и на Факултетот за физика. По расформирањето на УЦМТН во 1985. година, на Електротехничкиот факултет се формира Институтот по математика и физика од членовите на поранешната катедра.

Наставници, соработници и технички соработници кои до крајот на својот работен век биле вклучени во дејноста на ИМФ се: проф. д-р Илија Шапкарев (in memoriam), проф. д-р Михаил Толев (in memoriam), проф. м-р Димитар Качурков (in memoriam), проф. д-р Никола Речковски (in memoriam), проф. д-р Петар Лазов, проф. д-р Марија Кујумџиева – Николоска, проф. д-р Боро Пиперевски, вишите технички соработници Благоја Богатиноски и Слободан Стојановски.

Низ годините на постоењето, во наставниот процес на Институтот се вклучени и други  наставници и соработници: aкад. д-р Ѓорѓи Чупона (in memoriam), вон. проф. Виктор Јанековски (in memoriam), проф. д-р Наум Целакоски, проф. д-р Бранко Трпеновски (in memoriam), проф. д-р Новак Ивановски, проф. д-р Пано Кржовски (in memoriam), проф. д-р Васил Мицевски, проф. д-р Марија Фукарова – Јуруковска, проф. д-р Лазо Димов, проф. д-р Кузман Аџиевски, проф. д-р Живорад Томовски, вон. проф. д-р Ласко Баснарков, вон. проф. д-р Елена Хаџиева, доц. д-р Жарко Тасев, асистент д-р Миле Тасиќ и демонстраторите Тања Ивановска и д-р Томе Ефтимов.

Наставниците и соработниците во Институтот се вклучени во изведувањето на настава на прв и втор циклус студии со 5 задолжителни и 13 изборни предмети на прв циклус, 38 предмети на втор циклус и 17 предмети на трет циклус студии. Содржините на предметните програми ги вклучуваат областите: математичка и функционална анализа, алгебра, линеарна алгебра, аналитичка геометрија, обични, парцијални и стохастички диференцијални равенки, комплекснa анализа, дискретна математика, нумеричка анализа, веројатност и статистика, динамички системи, конвексна оптимизација, случајни процеси, класична и модерна физика, инженерска механика, електрооптика, нуклеарна физика со дозиметрија, физички методи на испитување материјали, обновливи извори на енергија, физика на компјутерски игри, наноматеријали и нанотехнологии, иноваторство и трансфер на технологии.

Институтот за математика и физика е носител на студиската програма Применета математика на втор циклус студии на Факултетот. Покрај тоа,  наставниците на Институтот се вклучени во повеќе студиски програми од втор циклус на ФЕИТ.

Наставниот кадар од Институтот е вклучен во наставата на други факултети од УКИМ: Машинскиот, Технолошко – металуршкиот, Архитектонскиот, Градежниот, Природно – математичкиот факултет, но во одреден период и на други високошколски установи, како Воената академија, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и  Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Во рамките на третиот циклус студии при УКИМ, наставниците од ИМФ се вклучени во наставата на три студиски програми Електротехника и информациски технологии, Метрологија и Математички науки и примена, покривајќи ги областите:  теорија на дистрибуции, нумеричка анализа, динамички системи и хаос, теорија на графови, статистика, случајни процеси, фотоволтаични технологии, недеструктивни техники за карактеризација на материјали, наноматеријали, нанотехнологии и нанометрологија, фотоника, примена на нуклеарни технологии во индустријата, контрола и обезбедување на квалитет во експерименталните истражувања и методологија на научно – истражувачката работа во полето на техничко – технолошките науки.

Во последните десет години наставниците од Институтот биле ментори на 33 магистерски и 3 докторски работи. Заедно со соработниците, тие се автори на 3 учебника, 6 збирки задачи, 7 учебни помагала и 3 упатства за лабораториски вежби за студентите од прв циклус студии издадени од ФЕИТ, односно УКИМ.

Научно – истражувачката дејност на ИМФ се однесува на следниве области: теорија на дистрибуции, нумеричка анализа, динамички системи и хаос, теорија на графови, статистика, случајни процеси, нови материјали и технологии, т.е. добивање на тенки филмови за сончеви ќелии, добивање и карактеризација на наноматеријали и наноструктури со оптички, електрични, електрооптички и спектроскопски методи, луминисцентни техники за карактеризација, нуклеарни технологии и нивна примена во медицината. Во последните 10 години членовите на Институтот се јавуваат како автори на 173 објавени научни труда од коишто 52 се во списанија со фактор на влијание, 49 во меѓународни списанија и 72 во зборници на трудови од меѓународни конференции. Исто така, тие се раководители или партнери во повеќе научно – истражувачки и развојни проекти финансирани од меѓународните програми: FP7, HORIZON 2020, COST, EUREKA, IPA Cross Border, International Agency for Atomic Energy, Central European Initiative, World Bank и Министерството за образование и наука на Р. Македонија.

Дел од меѓународните проекти што се реализирани во рамките на ИМФ се: Promoting ICT cooperation opportunities and policy dialogue with the Western Balkan Countries _ICT_WEB_PROMS, BUILD UP Skills MK, Builder’s Energy efficiency training – BUILD UP Skills BEET и TowaRd market-based skills for sustAINable Energy Efficient construction, финансирани од Европската комисија во програмите HORIZONT 2020 I FP7, Assessing and Enabling the Implementation of Food Irradiation Technologies, Using Advanced Radiation Technologies for Materials Processing, Training and education in nuclear physics and applications, Supporting Preparation Activities for Decision Making for a New Nuclear Energy Programme и Preparation Activities for Making a Decision on entering into New Nuclear Energy Program in Macedonia – Phase 1, Part II, финансирани од International Agency for Atomic Energy.

Соработката со стопанството ИМФ ја остварува во рамките на своите лаборатории со извршување тестирања и карактеризација на материјали и тенки филмови за сончеви ќелии, како и материјали и храна изложени на јонизирачко зрачење, потоа давање консултантски услуги за компании и институции, како и работа на заеднички апликативни и развојни проекти. Како резултат на соработката со стопанството, во последните 10 години во рамките на ИМФ се реализирани повеќе апликативни проекти, финансирани од компании и Министерството за образование и наука и Министерство за култура на Република Македонија.

Во последните 10 години, добитници на престижни награди се следниве членови на Институтот: проф. д-р Б. Јолевска – Тунеска, Државна награда за наука „Гоце Делчев“, 2014 година и проф. д-р К. Хаџи – Велкова Санева, Награда за доживотно членство во „International Society for Analysis, its Applications and Computation – ISAAC”, 2018 година.